Влези во светот на ИТ!

Неодамна изведеното истражување на МАСИТ покажа дека ИТ индустријата во Македонија се соочува со сериозен недостаток од квалификувани кадри. Една од препораките кои произлегоа од тоа истражување беше дека треба да се продолжи со активности за запознавање на јавноста со потребите на ИТ индустријата, а особено средношколците.

Поттикната од овие сознанија, Стопанската комора на Информациски и Комуникациски Технологии МАСИТ, на иницијатива на работната група за едукација и развој на работна сила, одлучи да го даде својот придонес кон градењето современо информатичко општеството на тој начин што ќе организира Годишен републички натпревар по информациски и комуникациски технологии, на кој учествуваа над 500 матуранти од сите државни и приватни средни училишта во Македонија.

Натпреварот се изведе во две етапи:

1. Првата етапа се изведе во форма на on-line тест во периодот помеѓу  четврток, 3 април (почеток во 00:00 часот) и вторник, 8 април (крај во 22:00) а имаше карактер на квалификациско тестирање за влез во втората етапа.

2. Втората етапа, во форма на електронско тестирање, се изведе на 12 Април 2008 (сабота) под надзор на тест администратори, во просториите на Академијата на ИТ Александрија и Семос Едукација.

За најдобрите натпреварувачи МАСИТ преку своите спонзори, врвни ИКТ компанија од земјава и странство, обезбеди голем број вредни награди.

Со цел да се зголеми бројот на припаднички од поубавиот пол кои ќе решат да градат кариера во ИКТ, МАСИТ ќе додели специјална награда за Најдобар женски натпреварувач.

На овој натпревар најуспешен натпреварувач беше Симона Прличкова од скопската гимназија Панче Арсовски која воедно е и најдобриот женски натпреварувач.

Целта на иницијативата е подигање на свеста кај младите, особено на средношколците за потребите на ИТ индустријата во Македонија, како и нивно поттикнување за градење професионална кариера во област на информациски и комуникациски технологии.